Навреда

95

karate-2578819_960_720

Фото: Pixabay

Дали некој некогаш ве навредил?!

Можеби, ве навредиле со некое директно обвинување кон вас, што не е точно!

Можеби, ве навредиле со тоа што не ви се извиниле!

Можеби, ве навредиле зошто не ви излегле во пресрет!

Можеби, ве навредиле со тоа што не го почитувале вашиот труд!

Можеби, ве навредиле со тоа што кажале нешто лошо за вашиот изглед!

Можеби ви ја навредиле вашата интелигенција!

Најверојатно, повеќето од вас сте се нашле во некоја ваква или слична ситуација и сте се почувствувале навредено. Но, има една универзална вистина којашто треба да ја знаете и имате на ум следниот пат кога ќе се почувствувате навредено.

Никој не може да ве навреди или направи што било доколку вие самите не им дозволите!

Ние самите одбираме дали ќе се навредиме или не. Во суштина, она што се навредува е нашето его или се вели дека најголема причина за некоја навреда се нашите неосновани очекувања и неостварени желби.

Во секој случај, најлошо кога некој ќе нè навреди не е самата навреда, туку чувството и негативното влијание што го прави таа навреда на нас после самиот чин. А за тоа негативно чувство одговорни сме ние самите. Со секое прераскажување на таа ситуација на други или негативно мислење и после настанот, ние само дополнително го јакнеме тоа негативно чувство, како и ја зголемуваме лутината кон таа личност.

Во прилог, имате неколку работи што може да ги земете предвид, со цел да го намалите негативното влијание на некоја навреда, доколку ви се случи во иднина:

  1. Држење на лутината (навреда) не е здраво – навредата (или лутината) е деструктивна за нас и за нашиот развој, и е основа за појава на некои автоимуни болести. Негативните емоции не дозволуваат да се остави простор за развој и за влез на позитивни емоции. Помислата дека моето здравје е многу поважно, отколку да ја држам лутината кон некого, не ми дозволува да пуштам некој да фрла со негативни стрели на мене. Ова е едно од моите најмоќни алатки што ги користам во ситуација кога ќе се навредам или ќе се налутам.
  2. Бидете набљудувачи – кога некој ќе ве навреди, тоа не кажува ништо за вас, туку за личноста која ве навредила. Нема потреба да се возбудувате околу тоа зошто, како, кој, итн., туку само согледајте ја навредата и видете со кого си имате работа. Следниот пат, ќе знаете како да се поставите.
  3. Позитивна критика – понекогаш нас нè повредува вистината (од таму доаѓа старата народна “вистината боли”), односно нечии зборови го провоцираат и го погодуваат нашето его. Бидете отворени, размислете за зборовите што ви ги кажале и пробајте да ги прифатите како учител. На тој начин можеби нешто ќе подобрите или ќе промените кај себеси.
  4. Ревидирајте ги вашите очекувања – голем број од навредите што ги добиваме се поради нашите нереални очекувања од другите. Можеби треба да ги намалите или да ги поставите пореални очекувањата од другите.
  5. Простете – секогаш најдобар начин да се справите со која било критика, навреда, лоши зборови, е да простите. Со простувањето вие ќе станете поголем човек, а воедно се ослободувате од негативната енергија што ја креирала таа ситуација кај вас. Немојте да ги земате работите лично и при срце. Имајте разбирање за другите и простете им.

Со успех во промените.