НБ: Kорпоративниот сектор по пандемијата закрепнуваше во 2021 година што ја подобри способноста за редовно сервисирање на долгот

55

Корпоративниот сектор во 2021 година постепено го нормализираше работењето, пришто претпријатијата во значајна мера закрепнаа од последиците од пандемијата. Нето-добивката на корпоративниот сектор се зголеми за 30,7% по падот на добивката од 18,9% во 2020 година. Видливо е и значително намалување на учеството на субјектите од корпоративниот сектор што работеле со загуба, коешто во 2021 година изнесува 32,7% од вкупниот број на субјекти од корпоративниот сектор наспроти 43,6% во претходната година.

Извештајот за корпоративниот сектор нотира умерено подобрување на оперативната ефикасност, со подобрена уредност во извршувањето на обврските и наплатата на побарувањата, што придонесе показателите за ликвидноста да се задржат на стабилно, но скромно ниво. Постепеното економско заздравување, придонесе кон подобрување на способноста за редовно намирување на долгот, пришто се зголеми покриеноста на каматните расходи и расходите за финансирање со добивката од редовни активности. Во 2021 година забрза и растот на капиталот на корпоративниот сектор, што овозможи раст на должничкото финансирање, без позначително да се зголеми нивото на задолженост изразено како сооднос меѓу долгот и капиталот (финансиски левериџ) на корпоративниот сектор.

Вкупниот долг на домашниот корпоративен сектор во 2021 година забележа раст од 9,9%, Сепак, пост-пандемиското закрепнување на економската активност со подинамичен раст на бруто-домашниот производ овозможи стапката на задолженост на корпоративниот сектор на крајот од 2021 година да остане на релативно слично ниво како и во претходната година (68,5%, наспроти 68,7%) и под изведениот праг на ранливост, но сепак упатува на потреба од претпазливо следење.

Во текот на 2021 година се подобри и пристапот на претпријатијата до банкарски кредити, пришто се зголеми бројот на компании што користат кредити од банкарскиот сектор за 8,1%. Согласно со податоците од поднесените годишни сметки на корпоративниот сектор, во 2021 година банките имаат кредитна изложеност кон 37,5% од вкупниот број активни субјекти.

Во контекст на финансиската стабилност, главните ризици од овој сектор се поврзани со влошениот амбиент за работењето на домашниот корпоративен сектор, особено нагласен од почетокот на оваа година, под влијание на воениот конфликт во Украина кој дополнително ги продлабочи веќе присутните нерамнотежи на глобалниот пазар, придружени со раст на цените на енергенсите и на репроматеријалите и генерално засилување на инфлацијата во глобални рамки.

Повеќе информации за движењата кај корпоративниот секторот се достапни во новиот Извештај за финансиската стабилност на Народната банка.