„Не е лошо виното, туку неговата злоупотреба“: Италија против здравствените предупредувања за алкохолот

55

Италијанската влада се ангажираше во блокирањето на новиот закон во Ирска, со кој се обврзани производителите на вино и други алкохолни пијалоци да ставаат предупредувања на нивните производи од 2026 година за здравствените ризици и опасностите од консумирање алкохолни пијалоци за време на бременоста.

Законот ги обврзува производителите од 22 мај 2026 година да истакнуваат здравствени етикети на пакувањето на виното и алкохолните пијалаци што се продаваат во Ирска со информации за калориската вредност, количината на алкохол, како и предупредувања за ризиците од консумирање алкохол поврзани со бременост, болести на црниот дроб и фатални малигни тумори.

Овој закон, кој во понеделникот го потпиша ирскиот министер за здравство Стивен Донели, партијата Форца Италија од владејачката коалиција го оцени како потег што го уништува внатрешниот пазар на ЕУ и неосновано предизвикува вознемиреност кај потрошувачите, пишува порталот Еурактив.

– Не се согласуваме со потегот на Ирска. Ова е сосема погрешно и предизвикува неоснована тревога кај потрошувачите. Виното не е лошо како такво, туку злоупотреба на алкохол – изјави пратеникот во Европскиот парламент Рафаеле Неви, секретар на парламентарната комисија за земјоделство.

Според него, не е во ред да се создаваат национални регулативи кои се пред европските бидејќи, како што вели, Европа во целина мора да изгради единствени правила за сите земји-членки. Италијанскиот министер за земјоделство Франческо Лолобриџида од партијата „Браќата на Италија“ објави дека тој и министерот за надворешни работи Антонио Тајани работат заедно со другите европски земји за да се спротивстават на мерката донесена од Ирска и да го одбранат европскиот пазар.

– Сметаме дека постапката на Ирска е неточна, бидејќи едно е да се информира и да се повикува на умереност, што веруваме дека е правилно, но сосема друго е да се каже дека производот е лош за здравјето на потрошувачите – рече Лолобриџида.