Не е времеплов: Аудио касетите се продаваат како “алва“

94

Иако веќе одамна се излезени од мода, бидејќи добија посовремена замена во форма на ЦД-а, а во последно време и стриминг музика на паметни уреди, во последните неколку години расте продажбата на аудио касети.

Само во Велика Британија лани се продадени 156.542 аудио касети, што претставува пораст од 94,7% во однос на 2019 година. Официјалните податоци покажуваат дека продажбата на аудио касети во првите шест месеци од оваа година се зголеми за 103% во споредба со истиот период лани. Во САД во 2018 година се продадени 219.000 аудио касети, што претставува раст од 23% во однос на една година претходно.

Тешко е да се објасни која е причината поради којашто толку брзо расте популарноста на касетите, посебно ако се земе предвид дека собираат многу помалку песни, а и многу од домаќинствата немаат каде да ги слушаат. Сепак, некои аналитичарите се обидуваат популарноста да ја оправдаат со потребата на луѓето да имаат нешто во физичка форма во свои раце, одошто некои дигитални содржини што не се гледаат.

Поради тоа, расте бројот на компании кои на музичарите им помагаат своите дела да ги објават на аудио касети. Една француска компанија одлучи да почне со производство на посебни плеери што овозможуваат слушање аудио касети. Тие ќе чинат 69 евра и нудат исклучителен квалитет, а ќе нудат можност и за поврзување со паметни уреди преку bluetooth, а ќе се полнат исто како мобилните телефони.

Бројни артисти меѓу кои Лејди Гага и бендот The Killers дел од својата музика ја пренесуваат и на аудио касети.

На 10-ти овој месец, почина 94-годишниот Ло Отенс, холандски инженер кој ги измисли аудио касетите.

Се проценува дека во светот се продадени околу 100 милијарди аудио касети од почетокот на нивното производство во 60-тите години на минатиот век.

Иновацијата на Отенс го промени начинот на којшто луѓето ја слушаа музиката.

Фото: Freepik