Не постои една вистина, секој сам си го креира бизнисот

244

Млад, амбициозен и успешен. Тоа накратко е Филип Арсов, основач и извршен директор на Synapse, компанија специјализирана за веб дизајн и 3Д – визуелизација, за CMS (content management systems) решенија, e-commerce, мобилни апликации, хостинг, микросајтови… Доказ за тоа дека Арсов ја води оваа компанија во вистински правец е наградата за најуспешен претприемач во областа на микрокомпании за 2010 година.

Филип Арсов, основач и директор на Synapse

“Synapse е создаден како резултат на мојата љубов кон веб дизајнот и 3Д анимацијата. По струка сум електроинженер, но веднаш по студиите почнав да работам веб дизајн, да програмирам, да се едуцирам на тоа поле. Паралелно почнав да учам 3Д визуелизации. Направив своја интернет страница каде што ги промовирав моите услуги и така успеав да најдам клиенти. Потоа формирав тим и во јануари 2007 година станав Synapse”, раскажува Арсов за почетоците.

Бизнис Инфо: Што e всушност Synapse?

Synapse е дигитална агенција фокусирана на решенија од областа на дигитален маркетинг. Тоа значи не само дизајнирање на веб страни, туку целосен концепт на промоција на еден бизнис онлајн, развој на нови дигитални канали на комуникација, социјални медиуми. Еден дел од Synapse работи 3Д визуелизации. Работиме нешто и подпродукција, мултимедија. Сето тоа е сместено во еден концепт наречен дигитална агенција.

Бизнис Инфо: Работите од 2007 година, нешто пред почетокот на должничката криза. Како ја пребродивте како млада компанија?

Би рекол успешно. Во кризата постигнав најголем успех. Се до оваа година, јас не почувствував криза. Сега чувствувам проблем во наплатата. Но тоа не е проблем само во нашава земја, туку и надвор од неа. Генерално, кризата не ја доживеав лошо, ние сме мала фирма, со осум луѓе, па како таква не бевме изложени многу на кризата. Напротив, за мене станува се подобро и подобро.

Бизнис Инфо: На кој пазар најмногу работите, на македонскиот или на странски пазари?

Во моментов поголем дел од приходот ни е од македонски клиенти. Последниве 3 – 4 години луѓето се веќе поедуцрани и знаат да ги вреднуваат работите и квалитетот кога станува збор за интернет маркетинг. Делот околу адвертајзингот веќе е многу поразвиен, се инвестира се повеќе и повеќе. Овде кај нас тоа го прават најголемите компании, пред се од телекомуникациите, банките, компании од автомобилската индустрија. Во странство, имавме соработка со ВИП Србија. Со нив завршивме два проекти и за едниот од нив, мултимедијалниот проект Green room, ВИП доби награда за најдобри интернет комуникации. Тоа е супер за нас и како проект и како промоција за ширење на српскиот пазар.

Бизнис Инфо: Какви Ви се идните планови? Кон што ќе се насочите?

Работиме на развој на апликации за мобилни уреди. Гледам дека се повеќе и повеќе ќе се развиваме во таа насока. Дефинитивно сакам регионално да го проширам својот бизнис и да добијам клиенти од регионот. Исто така планирам брендот на Synapse наречен GizmoArts (http://gizmoarts.com/) да го донесам на повисоко ниво, да инвестирам малку повеќе во него. Тоа е дел од Synapse кој работи 3Д визуелизации. Во план ми е да најдам добри конференции и саеми каде што ќе можам да се промовирам. Генерално, идејата ми е и за Synapse и за GizmoArts да најдам аутсорсинг партнер. Тоа е клучот за мене, моделот што мислам дека за мене најдобро ќе функционира. Исто така, работиме на уште еден проект, развиваме еден софтвер за таблет уреди за фармацевтска индустрија, но за тоа понатаму.

Бизнис Инфо: Учествувавте во неколку програми на CEED. Колку нивното менторство ви помогна во бизнисот?

Програмите на CEED одлучив да ги следам по препорака на пријател. Учествував во Top Class програмата 2010/2011 година, генерација 4, во Top Class plus генерација 3, во Top Finance 2011 генерација 3 и во CEED Marketing 2011, генерација 1. Во CEED се стекнав со знаење и најважно од се, со самодоверба, која понатаму е од големо значење за успешното водење на бизнисот. Она што ми остави најголем впечаток од CEED програмите е нетворкингот, мотивацијата, инспирацијата, релаксацијата и забавата. Првата година од учеството во CEED програмите, профитот на компанијата се зголеми за 120%, а следната за уште 30%. Тоа што го научив од CEED го имплементирав колку што можев во својот бизнис, знаев дека тоа што го правам е вистинското и научив дека не постои една вистина, туку дека секој сам си го креира бизнисот и секој бизнис има своја спецификација. Добро е човек да ги има основите, да чуе барем 50 приказни за тоа како се води бизнис, а потоа дали ќе успее, останува на неговата интуиција и упорност.