Извинувањето треба да биде искрено и да се употребува кога навистина има причина за тоа. Честопати на работното место и општо во животот зборот “извини“ или “извинете“ го нема значењето коешто му припаѓа.
Токму затоа не треба да се извинувате ако..
Треба да стекнете авторитет
Кога сакате нешто да кажете, да влезете во некоја просторија или слично, зборот извини е излишен. Се случува обично оние кои се нови на работното место или помалку искусни да го употребат извинувањето кога нема простор за истото. Доколку често се “извинувате“, не правете го тоа. Можеби сте нови во компанијата, но не значи дека имате помала вредност од останатите во просторијата.
Не чувствувате вина
Понекогаш некои социјални норми “бараат“ извинување. Но, ако не чувствувате вина во одредениот случај или конфликт, не треба ни да се извинувате. Пред да понудите извинување, проверете дали другата личност е навистина навредена во ситуацијата. Во спротивно ќе делувате неискрено.
Не сте тој/таа што направил/а грешка
Можеби некој претпоставен или вработен на повисока позиција ќе бара од вас да се извините за нешто што лично вие не сте го направиле. Вистината излегува кога тогаш, затоа бидете личност со интегритет и не преземајте туѓа вина.
Имате конфликт на интереси со некоја личност
Доколку имате различни интереси, ставови и мислења со некоја личност не значи дека треба да се извинувате за тоа. Секако, не треба да наметнувате и ваши гледишта, а кон туѓите забелешки одговорете културно.