Недела неработен ден, но од 1 јануари 2022

67

Примената на Законот за работни односи и Недела неработен ден ќе бидат со одложена примена, од 1 јануари 2022 година, соопштија вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шехпаска на денешната редовна месечна седница на Комисијата за јавно-приватен дијалог што се одржа во Владата.

Одложената примена ќе важи и за измените и дополнувањата на Законот за данок на имот.

Како што информира заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски, Предлог-законот за данок на имот е во собраниска процедура.

“Стапките на данок на имот остануваат во рамките во кои беа до сега, освен за оние лица кои поседуваат повеќе единици на имот и кои не се користат или не се во економска функција. Законските измени се во функција на зголемување на продуктивноста и зголемување на приходите по основ на данок на имот“, нагласи Ковачевски.

Во однос на предлог-измените на Законот за финансиска поддршка за инвестициите, вицепремиерот Битиќи посочи дека со дел од нив ќе им се помогне на компаниите за пребродување на 2020 година.

“Тоа се однесува и на компаниите кои веќе земале помош по мерките од Законот, да не бидат елиминирани поради пад на приходи и затоа воведуваме предлог измени во условите за аплицирање. Дополнително, ќе се променат начинот и условите на исплата, односно ќе се прават исплати тековно што ќе биде дополнителна помош и зголемување на ликвидноста на компаниите“, потенцира Битиќи.

Како една од најважните предлог измени во овој Закон, дополни, е и усогласувањето на поддршката со рамномерниот регионален развој.

На седницата присуствуваа претставници од четирите најголеми стопански комори во земјата: Стопанска комора на Македонија, Сојуз на стопански комори, Стопанска комора на северозападна Македонија и МАСИТ, кои ја формираат Платформата за јавно-приватен дијалог.

Фото: Freepik