Недела останува неработен ден, одлучи Уставниот суд

35

Уставниот суд одлучи да не се поведе постапка во предметот во кој беше оспорено работењето во недела.

-Ова значи дека во правниот поредок останува законот кој го уредува правото на работниците да не работат во недела, освен во дејностите кои се исклучоци предвидени со постојното законско решение. За Уставниот суд неосновани се наводите на Стопанската комора на Македонија (ССМ) која што е подносител на оваа иницијатива и бараше да се запре извршувањето на овој Закон. Оваа одлука е конечна и секој ќе мора да ја почитува, соопштија од Уставниот суд.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) апелираше Уставниот суд да го поддржи договореното помеѓу социјалните партнери – недела да биде неработен ден за најголем број на работници освен за дејностите кои социјалните партнери ги определија како исклучоци поради неопходноста од континуирано одвивање на одредени производни процеси.

Законското решение за недела неработен ден стапи на сила од 01-ви јануари годинава. Со измените, 92 отсто од работниците не работат во недела, а 8 проценти од работниците кои работат во техничко-технолошкиот процес кој не може да биде прекинат, добиваат 50 отсто повисока дневница и дополнително еден слободен ден во текот на наредната недела. Законот предвидува вработените во трговските центри, кои ќе работат во недела да добиваат двојно повисока дневница, а дополнително 2 проценти од прометот, остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и празници да биде наменет за изградба на нови детски градинки.