Иако 2022 година треба да биде година за враќање на нашиот нормален начин на живот, засега нема изгледи за тоа.
Според експертите, недостигот на две стоки ќе го попречи глобалното економско закрепнување – недостигот на ѓубрива и недостигот на чипови, за кој се зборува повеќе од една година.
Пред неколку дена „Волстрит журнал“ издаде загрижувачко предупредување, имено дека „високите цени на ѓубривата создаваат сериозен проблем за земјоделците“.
Погодено е производството на прехранбени производи како авокадо, пченка и кафе во Јужна Америка, кокос и маслинки во Југоисточна Азија. Засегнати се и производителите на пченка и пченица во Европа.
Ова може да значи само едно – цените на храната може да пораснат уште повеќе во 2022 година. Во минатата година, светските цени на храната се искачија на највисоко ниво во последната деценија, пишува „Oilprice“.
Според Меѓународниот центар за развој на ѓубрива, високите цени на ѓубривата само во Африка би можеле да доведат до намалување на земјоделското производство во екстремно големи количини – што е еквивалентно на потребите за храна на 100 милиони луѓе.
Друг недостаток може да донесе главоболки за глобалната економија – недостигот на компјутерски чипови. Според извештајот на американското Министерство за трговија, залихите на чипови во земјата се критично ниски. Голем е недостигот на компјутерски чипови кои се користат за производство на автомобили и медицинска опрема.
„Високите цени на автомобилите во 2021 година се една од главните причини за инфлација бидејќи немаме доволно чипови. Производителите на автомобили произвеле речиси 8 милиони автомобили помалку од минатата година, што според некои аналитичари е повеќе од 210 милијарди долари приход“, според американската министерка за трговија Џина Рејмонд.
Производителите погодени од недостигот на чипови велат дека проблемите ќе продолжат и во наредните шест месеци, а некои сугерираат дека недостигот ќе продолжи до следната година.
Една од големите грижи на производителите е дека тие се зависни од производството на чипови во Азија. Денес, Тајван е одговорен за 63% од целокупното производство на компјутерски чипови во светот. Повеќето фабрики за чипови се во Азија, која опфаќа околу 87% од пазарниот удел на фабриките за полупроводници (околу 63% само во Тајван).
Според некои, политичката клима во регионот и тензиите меѓу Тајван и Кина го загрозуваат снабдувањето со компјутерски чипови.











