Недостигот на чипови ќе трае до 2024 година

73

Глобалниот недостиг на чипови ќе влијае на автомобилската индустрија барем до 2024 година, според новото истражување на консултантската компанија Alix Partners. За оваа година, компанијата очекува глобалната продажба на автомобили и лесни возила да падне на 78,9 милиони, во споредба со 80,3 милиони минатата година.

Зголемената побарувачка за електрични автомобили, за кои се потребни десет пати повеќе чипови од возилата на бензин и дизел, значи дека дури и зголемениот капацитет за производство на чипови нема да биде во чекор со побарувачката, пренесува Seebiz.

– Во најдобар случај, производството на возила ќе го достигне нивото пред Ковид во 2024 година – истакнуваат тие.

Цените на суровините за автомобилите со мотори со внатрешно согорување се удвоија од 2020 година, а за електричните возила речиси тројно, покажуваат истражувањата.

Во моментов, автомобилите се многу поскапи отколку што беа, но нивните цени би можеле повторно да паднат најдоцна до 2024 година, според директорот на Alix Partners, Фабијан Пионтек.

Влијанието на високата инфлација врз однесувањето на потрошувачите веќе може да се предвиди. Европа се очекува да биде водечки континент во однос на целосно електрични возила во 2035 година, при што 83% од сите продадени возила се очекува да бидат електрични. Во Германија тој процент може да достигне и до 96%.