Недостигот од гориво станува горлив проблем: Жетвата е доведена во прашање, а светот се потпира на Украина

71

По завршувањето на сезоната на пролетна сеидба, понекогаш носејќи панцири и шлемови, украинските земјоделци се соочуваат со нов предизвик – да најдат доволно дизел гориво за претстојната жетва.

Војната со Русија го прекина снабдувањето со гориво токму кога земјоделците ја засилија теренската работа за пролетната сезона, велат земјоделците, дистрибутерите на гориво и аналитичарите.

Поради борбите оваа пролет, вкупната посеана површина со жито ќе биде и до 30 отсто помала од лани, а може да паднат и приносите доколку земјоделците не добијат гориво за да излезат на нивите за навремено спроведување на агротехничките мерки и жетвата.

Минатата сезона Украина беше четврти најголем извозник на жито во светот.

Покрај испораките на пченица и пченка во Африка и Блискиот Исток, украинското жито со една половина учествува во набавката на Светската програма за храна на ОН за итна помош. Бидејќи украинските пристаништа на Црното Море беа блокирани, транспортот на култури брзо стана глобален проблем.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, се обидува да посредува за да се постигне договор за продолжување на испораката на жито и да се смират светските пазари на храна, каде цените достигнаа повеќегодишни максимални вредности.

Во последната земјоделска година, до крајот на јуни 2021 година, Украина извезла 45 милиони тони жито. Таа сума се очекуваше да се зголеми на 65 милиони по рекордната жетва на крајот на минатата година, но поради војната околу 21 милион тони останаа „заробени“ во силоси на целата територија под контрола на Киев.

Досега безбедноста беше најважното прашање за земјоделците поради борбите и гранатирањето. Меѓутоа, како што се приближува следната жетва, недостигот на гориво станува горлив проблем.

„ Во пролетната сезона, украинските земјоделци трошат најголем дел од дизелот, од вкупно околу 1,5 милиони тони што ги трошат годишно, што е повеќе од 10 проценти од годишната побарувачка на гориво на Украина“вели Тарас Панасиук, комерцијален директор на ВОГ.

Украина главно се потпира на Русија, Белорусија и увозот од други делови, кои пристигнуваат по море, за купување гориво. На пример, во 2021 година, повеќе од 60% од дизелот доаѓа од Русија и Белорусија, според украинската консултантска компанија за нафтени деривати А-95.

Сега земјата е принудена да започне со скапи и комплицирани начини за испорака на гориво по копно од соседните земји како Полска и Романија, но недостатокот на капацитет и бирократија ги забавува тие напори, соопшти Украинската асоцијација за нафта и гас.