Нејзиниот изум го промени животот на милиони родители ширум светот

224

Валери Хантер Гордон не била ниту славен научник, ниту писателка или политичарка. Сепак, нејзиниот изум им го промени животот на милиони родители ширум светот… и на нивните бебиња.

Во средината на октомври 2016 година, во својот дом во Шкотска, покрај своето семејство, на 94 година мирно почина Валери Хантер Гордон. На голем број луѓе кои живееле надвор од гратчето во кое живеела таа, ова име не им значело ништо, а ни сега. Штета што е тоа така, бидејќи се работи за жената на која милиони мајки ширум светот треба да ѝ бидат бескрајно благодарни, бидејќи таа ги измислила првите пелени за еднократна употреба, пишува Историски забавник.

Валери била просечна британска домаќинка на средина на 20-от век. Откако го родила своето трето дете во 1947 година сфатила дека не сака целиот живот да го помине во перење, сушење и пеглање на памучни пелени. И така ги измислила Paddi, првите пелени за еднократна употреба. Најпрво ги изработувала од стари падобрани и памук и направила стотина парчиња, седејќи на машината за шиење поставена во нејзината кујна.

“Прво мислев дека пелените за еднократна употреба сигурно негде ќе може да се купат. Бев шокирана што никој претходно не се сетил на такво нешто и си помислив, тоа е тоа, јас ќе ги направам. Не беше воопшто лесно, но се исплатеше“, вели Валери во интервју за ВВС во 2015-та година.

Откако производот им го покажала на пријателките, тие биле воодушевени, па за кратко време Валери почнала да прима нарачки. Со секоја нова пелена таа го усовршувала дизајнот и издржливоста.

Нејзиниот сопруг, мајорот Пат Хантер Гордон, исто така, се вклучил во производството, снабдувајќи ја сопругата со веќе искористени падобрани.

Двојката го регистрирала својот патент во 1948 година, а наскоро веќе стигнале понуди од некои големи компании и првите пелени Paddi се нашле во продавниците во 1949 година. Биле изработени според големината на нивниот син.

На почетокот, овие пелени не наишле на одобрување. Додека мајките од една страна биле воодушевени, имало лекари кои предупредувале дека тие пелени можат да ја оштетат кожата на бебето. Се појавил и уште еден проблем, којшто повеќе бил социјален одошто од медицинска природа – луѓето по војната не биле навикнати да фрлаат работи, па дури и нечисти пелени.

Сепак, откако еден воен лекар напишал текст околу тоа дека ги користи пелените Paddi за своето дете, јавното мислење се променило, па компанијата не можела да постигне да ги реализира сите нарачки. До крајот на 1949 година, се продадени повеќе од 750.000 пакувања со овие пелени.

Компанијата е затворена во текот на 60-тите години на минатиот век, бидејќи ги потиснал американскиот бренд Pampers, но Валери не се жалела бидејќи до тогаш веќе ги пораснала своите деца.

Фото: Pixabay