Победник на претседателските избори во САД е Џо Бајден, а на местото потпретседател за првпат ќе владее жена. Сенаторката од Калифорнија Камала Харис (56), испишува историја како прва жена, и тоа црномуреста и со имигрантско потекло.
Харис во наредните четири години ќе ја води земјата со Џо Бајден, со кого ланското лето водеше жестоки дебати.
Таа е четврта жена што досега ја кандидирала Демократската партија. Претходно сите три изгубиле – две како кандидатки за потпретседател, а Хилари Родам Клинтон изгуби како ривал на актуелниот претседател Доналд Трамп.
Харис и сама се кандидираше за претседателска номинација од Демократската партија пред да го поддржи Бајден.
Од правобранител до потпретседател
Родена е на 20 октомври 1964 година во Оукленд, Калифорнија, a како дете учествувала во демонстрации за човекови права и пеела во хорот на Баптистичката црква.
Нејзината мајка Шајамала емигрирала од Индија за да студира на Беркли, каде го запознала таткото на Камала, Доналд, по потекло од Јамајка.
Нејзините родители биле истражувач и професор по економија, a Камала и нејзината сестра Маја биле воспитани во хиндуистичката традиција и секоја година со своите родители ја посетувале Индија.
Кога имала седум години, нејзините родители се развеле, а пет години подоцна се преселила со мајка си и сестрата во Квебек, Канада, каде што научила да зборува француски.
Интересно е што за време на средното училиште, со една нејзина пријателка таа основала танчерска група.
Кога дошло време за студирање, таа се вратила во САД каде што се запишала на Универзитетот Хауард во Вашингтон, каде што многу брзо се придружила на Студентскиот совет и дебатниот тим.
Дипломирала на Правниот факултет на Универзитетот во Калифорнија, Хастингс.
Таа ја започнала својата кариера во 1990 година како заменик-окружен правобранител во округот Аламеда, по осум години станала адвокат во кривичната единица во канцеларијата на окружното обвинителство во Сан Франциско, а во 2000 година била назначена за шеф на тој оддел и го основала првото Државно биро за детска правда.
Харис станала окружен правобранител во Сан Франциско во 2003 година, а во 2010 година станала првата Афроамериканка на позиција државен обвинител во Калифорнија.
По претседателските избори во 2016 година, Харис станала втора Афроамериканка и прва Јужноазиска Американка што освоила место во Сенатот на САД.
За време на нејзината работа во Сенатот, таа станала член на Комитетот за национална безбедност и владини работи, Комитетот за разузнавање, Судскиот комитет и Комитетот за буџет.
Кандидатурата за претседателските избори во САД, ја објави на Денот на Мартин Лутер Кинг во 2019 година, но се повлече од трката пред крајот на годината.
Харис од 2014 година е во брак со адвокатот Даглас Емхоф, кој има две ќерки од претходна врска.
Меѓу нејзините достигнувања е тоа што успеала да извлече 25 милијарди долари од Волстрит за да ги обештети сопствениците на куќи во Калифорнија по финансиската криза, а добила и спогодба од 1,1 милијарда долари против синџирот за профит на колеџ под обвинение за предаторски и незаконски практики. Таа воедно стана и глас на борбата против Доналд Трамп.
Доаѓањето на Харис во Белата куќа ќе биде пресвртница за нацијата која има долга историја на борба со расни неправди. За време на својата кампања, таа често се соочуваше со расистички и сексистички напади од конзервативците, вклучувајќи го и Трамп, кој одбиваше правилно да ѝ го изговори името.
“Имаме многу работа, да почнеме“, изјави Харис по победата на Бајден на изборите.
Позната е по тоа што се залага за реформа на полицијата и ги подржа барањата на демонстрантите на простестите кои почнаа по убиството на невооружениот Афроамериканец Џорџ Флојд на 25 мај во Минеаполис.
Зошто ја одбра Бајден
Американските медиуми претходно пишуваа кои се причините поради кои токму таа е одбрана за оваа функција.
Како прва причина се наведува тоа што ниедна обоена жена не била избрана на тоа место. Втората причина е тоа што Бајден е подготвен да ги слуша оние кои не се сложуваат или се против него, бидејќи таа често пати се спротивставуваше на некои негови ставови.
Претседателот Доналд Трамп беше изненаден што неговиот противкандидат Бајден ја избрал Камала Харис за своја кандидатка за потпретседател, бидејќи, како што изјави, таа била многу лоша кон Бајден за време на дебатите.
Фото: Facebook