Некои земји го напуштија состанокот на Г-20 поради присуството на руски претставник

35

Високи функционери од Британија, САД и Канада вчера го напуштија состанокот на Г-20 поради присуството на руски претставник, што ги разоткри длабоките поделби во блокот на големите економии, а многумина ја осудија војната на Москва во Украина.

Индонезиската министерка за финансии Сри Мулјани Индравати, која претседаваше со состанокот на финансиските претставници на Г-20 во Вашингтон, призна дека телото се соочило со предизвици без преседан, но повика на соработка за надминување на забавувањето на глобалниот раст.

„Ова е вонредна состојба“, им рече Индравати на новинарите по целодневниот состанок. „Ова не е вообичаена работа, многу е динамична и тешка.“

Г-20 ги вклучува западните земји што ја обвинија Москва за воени злосторства во Украина, како и Кина, Индија, Индонезија и Јужна Африка, кои не се приклучија на санкциите предводени од Западот против Русија поради конфликтот.

Индравати рече дека многу земји на состанокот се изјасниле против војната, иако не ги именува.

„За да закрепнеме заедно… потребна ни е поголема и посилна соработка“, рече Индравати на брифингот. „Г-20 сè уште е… главниот форум за сите нас каде што можеме да расправаме и да разговараме за сите прашања“.

Американската министерка за финансии Џенет Јелен пред да замине им кажа на присутните дека не го одобрува присуството на високиот руски функционер на состанокот, изјавија два извори за Ројтерс.

Нејзе ѝ се придружија претседателот на Федералните резерви на САД Џером Пауел, гувернерот на Банката на Англија, Ендрју Бејли, канадската министерка за финансии Кристија Фриланд и претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард.

Украинските власти, кои во Вашингтон побараа милијарди долари дополнителни средства, исто така го напуштија состанокот, изјави изворот.

Рускиот заменик-министер за финансии Тимур Максимов ја претставуваше Москва, додека рускиот министер за финансии Антон Силуанов и гувернерот на руската централна банка се приклучија виртуелно.