Неколку трикови како да напредувате на работа

76

workerФото: Pexels

Сигурно често се прашувате што вашиот шеф мисли за вас, колку е задоволен од вашата работа и дали имате шанси да напредувате на работното место и добиете унапредување? Со неколку безопасни трикови можете да успеете да ја подобрите сликата која вашите претпоставени ја имаат за вас и да научите кој е најдобриот начин да се претставите како работник кој заслужува да биде унапреден.

Вимавајте што објавувате на Facebook

Не само вашите колеги, туку и шефот го гледа вашиот Facebook профил. Затоа, морате да бидете многу внимателни какви содржини споделувате на социјалните мрежи, особено ако вашиот надреден и вашите колеги ви се пријатели на овие платформи. Затоа, избегнувате да објавувате слики како пиете алкохол или лудувате на некоја забава.

Облеката е пресудна

Доколку мислите дека само вашите колеги ја забележуваат облеката што ја носите, се лажете. Можеби вашиот шеф има попаметна работа од тоа да се концентрира како се облекувате вие, но некогаш тоа може да игра пресудна улога во одлуката дали ќе бидете унапредени или не. Затоа, овде важи правилото – секојдневно облекувајте се како баш тој ден да треба да бидете повикани на разговор.

Директно побарајте

Вашиот претпоставен не може да ви ги прочита мислите. Можеби вие сте најтрудољубивиот работник во компанијата кој најефективно си ја извршува задачата, но доколку самите не побарате вашиот труд да се цени, многу се мали шансите дека шефот сам ќе ви го понуди тоа. Затоа, бидете самоуверени и не плашете се да побарате зголемување на платата.

Прилагодете се на шефот

Ако вашиот шеф има смисла за хумор, смеејте се на неговите вицови. Но, доколку е затворена личност, немојте со сила да воспоставувате лична комуникација со него и да му го одземате времето со непродуктивно зборување. Сработете си го домашното и дознајте дали претпочита лична комуникација или преку мејл, па според тоа одлучете на кој начин ќе разговарате со него.

Преземете одговорност

Без разлика дали доцните со проектот или сте згрешиле нешто во работата, секогаш преземете ја одговорноста без да ги обвинувате другите колеги. Ретко кој шеф би унапредил личност која ги обвинува другите. Тие бараат работници кои ќе застанат зад своите грешки, ќе се обидат да ги исправат, а потоа и ќе предложат неколку алтернативи за нивно решавање. Верувајте, шефот ќе цени тоа што воопшто сте седнале да размислувате за проблемот.

За крај, не заборавајте да пратите месечен извештај на завршените проекти и достигнувањата. На овој начин, вашите надредени ќе имаат увид во вашата работа, а вие ќе можете ненаметливо да се пофалите и истакнете.