Нема нови случаи на коронавирус – се воведува телефонска психолошка поддршка

146

Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција информираше дека нема новодијагностицирани пациенти, а првата пациентка кај која беше дијагностициран вирусот, денеска е пуштена на домашно лекување, во сосема добра клиничка состојба.

“Контролната слика на белите дробови, покажа дека нема големи последици, може да се упати на домашно лекување, а ќе повторам дека сите кои беа во контакт со неа се тестирани, немаат никакви симптоми и тие се практично здрави. Исто така е непроменета состојбата на сите други 18 пациенти, од кои 13 се на Клиника за инфективни болести, непроменета е состојбата и на пациентката на респираторна машина и таа е во стабилна состојба, додека пациентите во Дебар се со лесна клиничка слика. Интензивно разговараме со нашиот инфектолог, професорот од Инфективна клиника кој сега таму ја координира работата на локалните инфектолози, како и епидемиологот во насока на дополнителни анализи, проверки, евентуално индикација за нови тестирања на повеќе луѓе. Тоа значи форма на скрининг, согласно светските искуства во некои земји, дури и на луѓе за кои не сме сигурни дека биле во контакт со заболени лица. Очекуваме во текот на денот или утрешниот ден да стигнат материјали за тестирање и до 80 лица, се со цел детално да се скенира овој регион”, информира министерот Филипче.

Министерот истакна дека координацијата на лекарските служби е добра и се одвива континуирана комуникација со лекарите и со директорот на болницата во Дебар.

Новина е воведувањето телефонска психолошка поддршка на граѓани и ранливи групи од Клиниката за психијатрија, што почнува од денеска. Станува збор за психолошка поддршка на родители на деца од предучилишна и училишна возраст, како и психолошка поддршка на возрасни лица во самоизолација и на граѓаните на Дебар и Центар Жупа, во соработка со болницата во Дебар.

1. Психолошка поддршка на родители на деца на предучилишна и училишна возраст – тел. 072912676

2. Психолошка поддршка на возрасни лица во самоизолација – тел. 072919009

3. Психолошка поддршка на граѓаните на општина Дебар и општина Центар Жупа, во соработка со Медицински Центар Дебар тел. 070 241 807

4. Пациентите закажани во Мој Термин за психолошко советување и психотерапија во закажаниот термин ќе бидат контактирани од страна на психолог и ќе се спроведуваат телефонски, со можност за видео врска на некоја од интернет мрежите (по договор).

Исто така, на денешниот состанок на Комисијата за заразни болести утрово е констатирано дека треба да се ослободат од работни обврски и родителите на децата со цистична фиброза.

Во однос на зајакнување на кадарот, министерот информираше дека е подготвен список на лекари-анестезиолози и медицински сестри, кои по потреба ќе ротираат во институциите каде ќе биде потребно. Станува збор за близу 440 медицински сестри и 200 анестезиолози од целата држава. Воедно, откажан е хроничниот програм во сите хируршки одделенија.

Воедно, посочи дека утрово првпат се состана и Кризниот штаб на ниво на Владата, во кој претставници на секој од ресорите ја кажа состојбата и објасни како се спроведуваат мерките на терен. Добро се спроведува и кризната состојба во Дебар и Центар Жупа, сите органи и тела и сите институции работат координирано. Граѓаните од овој регион покажуваат исклучително висок степен на дисциплина, и придржување до мерките.

На крајот тој повторно упати апел до граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита на здравјето, бидејќи тоа е единствениот начин да се стави крај на патот на ширење на вирусот.