
Речиси 29 проценти од сопствениците на кучиња ја избираат својата дестинација за одмор врз основа на тоа колку се пријателски настроени таквите места кон кучиња, според ново британско истражување.
Околу 46 проценти од учесниците во анкетата изјавиле дека се чувствуваат вознемирено ако го остават своето куче дома, кај пријател или во хотел каде што се дозволени кучиња кога одат на одмор. Тие велат дека се загрижени за навиките во исхраната на своето милениче, а исто така се грижат дали животното ќе се чувствува напуштено или под стрес.
Анкетата, нарачана од веб-страницата за сместување Booking.com, покажа дека 38 проценти од сопствениците на кучиња во Велика Британија се подготвени да потрошат повеќе од 1.000 евра за продолжен викенд во странство ако можат да го земат своето милениче со себе.
Две третини од испитаниците се за тоа кучиња од која било големина да се транспортираат во кабините на авионите, а ист број се подготвени да платат полна цена за дополнителен авионски билет.
„За многу сопственици на кучиња, одморот едноставно не е комплетен без нивното домашно милениче“, рече Рајан Пирсон, регионален менаџер на Booking.com за Велика Британија.
„Без разлика дали опцијата за патување со куче влијае на изборот на дестинација, сместување или дури и на износот што луѓето се подготвени да го платат, домашните миленици се клучен дел од процесот на донесување одлуки.“
Меѓународното истражување е спроведено на 6.000 сопственици на кучиња, меѓу кои 2.000 биле од Обединетото Кралство, а го спроведе компанијата за анкети Opinium.
Фото: Pixabay











