Нема простор за злоупотреби на правото недела ден на неделен одмор

21

Измените на Законот за работните односи, којшто беше усвоен на вчерашната владина седница, прецизно утврдува дека недела е ден на неделен одмор и гарантира дека за над 92% од работниците недела ќе биде неработен ден.

Законот јасно ги дефинира дејностите кои ќе можат да работат во недела и станува збор само за дејности кои се неопходни за функционирање на државата.

Вработените во овие дејности ќе добијат дневница повисока за најмалку 50 проценти и слободен ден во наредните седум дена.

“Во однос на стравувањата на Здружението Гласен текстилец дека преку придружните и помошните дејности во недела ќе работат уште многу други компании и правни субјекти, уверуваме дека тоа е невозможно да се случи бидејќи во членот 2 од Предлогот за изменување и дополнување на Законот за работните односи е дефинирано дека помошните придружните дејности ги пропишува министерот надлежен за работите од областа на трудот преку подзаконски акт. Овој акт мора да се донесе во рок од 60 дена од денот на влегувањето на сила на законот“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Министерството за труд и социјална политика законските измени кои го дефинираат решението недела да биде ден за неделен одмор го подготви во целосно транспарентен процес, а низ таков процес ќе бидат подготвени и подзаконските акти коишто треба да се донесат по усвојувањето на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи.

Истовремено законското решение предвидува контрола од надлежните институции и казни за сите работодавачи кои нема да го почитуваат, што е дополнителна гаранција дека правата на работниците се заштитени.

Недела како ден за неделен одмор станува реалност и значи унапредување на правата на работниците во државата.

Фото: Freepik