
Иако веќе изминува месец ноември, граѓаните сè уште го немаат добиено повратот од скенирање фискални сметки преку проектот „Мој ДДВ“. Сепак од Министерството за финансии смируваат – парите ќе легнат на сметките до крајот на месецов.
-Исплатата на средствата за скенирани фискални сметки преку апликацијата „МојДДВ“ се врши во рок од 60 дена по завршувањето на кварталот. За третиот квартал (јули–септември), законскиот рок до кога треба да се изврши исплатата е до 30 ноември 2025 година.
Најчестите проблеми поради кои има доцнење на исплатата на средствата се поврзани со погрешно внесени или неажурирани податоци за трансакциска сметка во системот на УЈП, велат од ресорот Финансии во изјава за „Локално“.
Во однос на шпекулациите во јавноста дека надлежните планираат да ја укинат мерката, од Министерството за финансии немаат конкретен одговор, туку велат дека мерката е законски утврдена и продолжува да важи, а исплатите се вршат во рамките на законски предвидените рокови.
-Доколку има промени, тие ќе бидат навремено и транспарентно соопштени од надлежните институции, појаснуваат од ресорот предводен од министерката Гордана Димитриеска-Кочоска.











