
Џозеф Цаи, извршен потпретседател и ко-основач на Alibaba Group, ќе го наследи Даниел Џанг на функцијата претседател, соопшти компанијата, а Еди Ву, претседател на платформата за е-трговија на Alibaba, Taobao и Tmall Group, ќе го наследи Џанг како извршен директор и ќе го замени во управниот одбор на компанијата. Двете назначувања ќе стапат на сила на 10 септември 2023 година, соопшти компанијата.
Ова е втора кадровска промена на врвот на компанијата за само неколку години, откако основачот Џек Ма се повлече во 2019 година. По транзицијата, Џанг ќе продолжи да работи како претседател и извршен директор на единицата за cloud на Alibaba, пишува CNN.
– Ова е вистинско време за мене да ја направам транзицијата, со оглед на важноста на Alibaba Cloud – рече Џанг во соопштението.
Alibaba е најголемата кинеска компанија за е-трговија, со повеќе од 900 милиони годишни активни корисници на своите платформи Taobao и Tmall.











