Неновски: Вакцинирањето ќе го зголеми оптимизмот кај стопанствениците

173

За професорот Томе Неновски почетокот на вакцинацијата е позитивен сигнал и  пред сè причина за оптимизам кај  стопанствениците и воопшто кај целокупното население.

“Постепеното намалување на здравствената неизвесност и стравот за тоа што може да се очекува во блиска иднина на “заразно-вирусен план“, би требало постепено да ја засили и активноста на економските субјекти на планот на потрошувачката како замаец на прозводствените/услужните дејности на стопанството“, вели Неновски во интервју за Локално.

Внимателен во проценките сепак предупредува дека состојбите во економијата можат дополнително да се влошат доколку не се стабилизира здравствената криза.

Коментирајќи го  зголемувањето на задолжувањето на државата како круцијален проблем го посочува фактот дека парите обезбедени на овој начин не се користат за реализирање на капиталните инвестиции.

“Незначителниот износ на домашни капитални инвестиции има негативен одраз кај странските инвеститори кои сè помалку вложуваат во Македонија затоа што сметаат дека, ако домашните инвестиции не се или се малку присутни во економијата, тоа значи и дека домашните власти немаат доверба во сопствената економија, па зошто тогаш тие би имале мотив за вложување во нашата држава“ , вели Неновски.

Најавите дека во средина на летото може да дојде со повисоки цени на увозните производи, според него може да предизвикаат пораст на домашната инфлација.

“Сепак, мислам дека НБРМ има силни инструменти со кои би можела да ги амортизира евентуалните такви неповолни движења и состојби“, заклучува Неновски.

На прашњето дали банките коишто го одложија плаќањето на ратите, но не се откажаа од каматите можеа поинаку и повеќе да излезат во пресрет на задолжените граѓани, Неновски нотира дека банките се приватни акционерски друштва чии главни цели се максимализација на добивката и зголемување на вредноста на банката.

Тоа значи дека во секоја своја активност тие гледаат зголемување на тие големини. Оттаму, не може да се очекува дека банките ќе прават некои големи отстапки или олеснувања за граѓаните кои би го загрозиле остварувањето на наведените цели.

Сепак, имајќи ги предвид вкупните нарушени состојби во економијата и загрозениот егзистенцијален минимум на поголем број од граѓените, банките би можеле, во одредена мера, да га намалат провизиите кои ги наплаќаат за своите услуги. Тоа, дотолку повеќе, што провизиите учествуваат со околу 40-45% во остварените добивки на банките. На тој начин, тие би ја задржале лојалноста на своите комитенти која, дополнително, би можека да им се врати со последователно остварување добивки во следните години.

“Постојат, исто така, одредени можности за намалување на активните каматни стапки на банките (каматни стапки на кредитите) со оглед на високата каматна маргина (разлика меѓу активни и пасивни каматни стапки) што тие ја остваруваат. Тоа ќе има позитивен ефект врз каматните трошоци на граѓаните. Од друга страна, со засилување на иновативноста, економијата на обем и на економијата на опфат на понудени прозводи, банките би можеле да ја задржат, па дури, во одреден обем, и да ја зголемат својата профитабилност“, нотира Неновски.