Нервозата кај инвеститорите ја крева цената на златото

Цените на златото на светскиот пазар повторно започнаа нагорна траекторија, достигнувајќи апсолутен историски врв во изминатите неколку дена, што, според експертите, е знак дека инвеститорите се нервозни и стравуваат од нов круг на инфлација кој би бил катастрофален за европската економија.
Долгорочниот нагорен тренд на цената на овој благороден метал продолжи и во првите месеци од годинава, така што на почетокот на неделата цената на златото за првпат надмина 2.100 долари, односно околу 1.950 евра за унца.

Според статистичките показатели, просечниот годишен раст на цената на златото во евра во последните 20 години изнесувал околу осум отсто, а во последните 12 месеци вредноста на златото се зголемила за повеќе од 15 отсто.

Само во последните пет години цената на златото порасна за околу 60 отсто, а причината за овој пораст, тврдат експертите, лежи во нестабилната состојба на светската економија.

Проблемите започнаа со избувнувањето на пандемијата на корона вирусот, а кризата беше продлабочена со високата инфлација ширум светот поради геополитичките игри и конфликтите во Украина, што доведе до зголемување на побарувачката за златни прачки и златни монети, кои имаат репутација како безбедно засолниште за капиталот во неизвесни времиња.