Неславен рекорд: Никој во светот не изгубил толку многу

118

Сопственикот на компанијата Тесла, Илон Маск, изминатата година загубил околу 200 милијарди долари и е првиот човек во светот кој изгубил толкава сума на пари, објави Блумберг.

Илон Маск е вториот човек во историјата, по Џеф Безос, кој успеал да акумулира лично богатство од повеќе од 200 милијарди долари, пишува Блумберг. Ова се случи во јануари 2021-ва година. На крајот на 2022-ра година, Маск стана првиот човек во историјата кој изгубил 200 милијарди долари од своето богатство.

Во ноември 2021-ва година, богатството на основачот на Tesla и SpaceX беше проценето на 340 милијарди долари, потсетува Блумберг.

По оваа мерка тој беше најбогатиот човек во светот повеќе од една година во индексот на агенцијата. Денес, пак, неговото богатство се проценува на „само“ 137 милијарди долари по острата девалвација на акциите на „Tesla“ во последните денови и купувањето на Twitter за сума од 44 милијарди долари.

И покрај оваа загуба, 51-годишниот Илон Маск останува еден од најбогатите луѓе во светот, но тој ја загуби челната позиција од францускиот бизнисмен Бернар Арно, кој е ко-основач на синџирот на луксузни стоки LVMH. Неговиот бизнис страдаше и во 2022-ра година, но загубите изнесуваа околу 16 милијарди долари.

Севкупно, најбогатите луѓе во светот изгубиле повеќе од 1,4 трилиони долари во 2022-ра година, според индексот на милијардери на Блумберг. Во него се вклучени 500-те најбогати луѓе во светот.