„Нестле“ минатата година ги зголеми цените, оствари значително поголем приход

59

Швајцарскиот прехранбен концерн „Нестле“ денеска соопшти дека во 2022 година имал значително повисоки приходи, приклучувајќи се на голем број прехранбени компании кои компензираат за помалиот обем на продажба со зголемени цени.

Приходите на „Нестле“ пораснале за 8,4 отсто минатата година, на 94,4 милијарди швајцарски франци (95,5 милијарди евра). Кога ќе се исклучат промените на девизните курсеви и продажбата или купувањето имоти, стапката на раст изнесувала 8,3 проценти. Обемот на продажба, изразен преку реалната интерна стапка на раст, е на ниво од 2021 година, покажува извештајот.

Компанијата ги зголеми цените за 8,2 отсто во 2022 година, но и покрај тоа, нејзината нето добивка беше речиси преполовена, и достигна 9,3 милијарди швајцарски франци.

„Изминатата година донесе многу предизвици и тешки одлуки за семејствата, заедниците и бизнисите. Инфлацијата се зголеми на невидени нивоа, засилен е притисокот на трошоците за живот, а последиците од геополитичката напнатост се почувствуваа ширум светот“, рече извршниот директор на компанијата, Марк Шнајдер.

Фото: Pixabay