Netflix доби милиони нови претплатници благодарение на серијата Squid Game

110

Глобалната сензација Squid Game привлече повеќе корисници на платформата за стриминг Netflix отколку што се очекуваше, објави компанијата во вторникот, а се очекува бројот на кориснички сметки да продолжи да расте до крајот на годината.

По првата половина на 2021 година, во која приходите на Netflix значително се намалија, оваа платформа за стриминг доби 4,38 милиони нови корисници помеѓу јули и септември, достигнувајќи 213,6 милиони претплатници ширум светот. Анализата на Волстрит предвиде 3,86 милиони нови корисници, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на податоците на страницата Refinitiv.

Netflix имаше прилично успешен период минатата година благодарение на карантинот за време на пандемијата, но претходно оваа година забави растот на платформата за стриминг. Во исто време, конкурентната понуда од Disney+, HBO Max и други успеа да ја подобри својата понуда. 

Потоа дојде јужнокорејската драма Squid Game, чија премиера беше на 17 септември и ја изненади дури и управата на Netflix, станувајќи една од најгледаните серии во првиот месец на прикажување.

Како што објави компанијата во вторникот, 142 милиони домаќинства ја гледаа оваа мрачна драма. Зголемувањето поттикнато од хит серијата се очекува да порасне уште повеќе овој квартал, а Netflix предвидува дека бројот на нови претплатници ќе достигне 8,5 милиони до крајот на годината.