„Невера“ заминува во историјата, Мате Римац потврди дека производството завршува до крајот на 2026 година

„Невера“, електричниот хиперавтомобил на хрватската компанија Rimac automobili, заминува во историјата и повеќе нема да се произведува по оваа година, потврди основачот на компанијата, Мате Римац.

Ќе се  произведат само 71 од најавените 190 возила од стандардните и помоќните верзии на овој модел, објавува порталот Poslovni.

Мате Римац го потврди крајот на производството во видео објавено на Инстаграм, во кое ги прикажува работниците како ги склопуваат последните автомобили.

Пазарот за најскапи спортски автомобили се соочува со специфични предизвици во транзицијата кон целосно електричен погон.

Некои купувачи во овој сегмент сè уште преферираат автомобили со мотори со внатрешно согорување или хибридни системи за погон.

Мате Римац претходно ги истакна тешкотиите во продажбата на целосно електрични хиперавтомобили, истакнувајќи дека клиентите во луксузниот сегмент не бараат само врвни технички карактеристики, туку и ексклузивност и посебно искуство при возењето.

„Невера“ во својата стандардна верзија има 1.914 коњски сили, кои се обезбедени од четири електрични мотори, по еден за секое тркало, а забрзува од нула до 100 километри на час за помалку од две секунди, а максималната брзина е 412 километри на час.

„Невера Р“, надградена верзија, има 2.107 коњски сили и има подобрена аеродинамика, сопирачки и карактеристики на возење.