Невработеноста во еврозоната и ЕУ на рекордно ниско ниво

108

Рекордно ниска стапка на невработеност од 6,4 отсто е забележана во еврозоната во август, додека во ЕУ таа изнесува 5,9 отсто, објави денеска Евростат. Невработеноста во еврозоната е помала и во однос на јулските 6,5 отсто и во однос на август минатата година кога изнесуваше 6,7 отсто.

Невработеноста на ниво на ЕУ во јули беше 6,0 отсто, а во август 2022 година 6,1 отсто. Евростат проценува дека во август без работа биле 12,837 милиони луѓе, од кои 10,856 милиони во еврозоната, пренесува „Танјуг“.

На месечно ниво, невработеноста се намалила за 112.000 луѓе во ЕУ и за 107.000 во еврозоната. Во споредба со август 2022 година, невработеноста е намалена за 335.000 во ЕУ и за 407.000 во еврозоната.

Во август, невработеноста кај младите до 25 години беше 14,0 отсто во ЕУ и 13,8 отсто во еврозоната.