Невработеноста во март во еврозоната беше 6,5 отсто, во ЕУ 6 отсто

8

Невработеноста во Европската унија во март 2023-та година останува на истото ниво пријавено во февруари – 6%.

Таа е намалена на годишна основа, во споредба со март 2022-ра година, кога изнесуваше 6,2 отсто, покажуваат најновите податоци на Евростат.

Во еврозоната, сезонски приспособената невработеност падна во март на историски најниско ниво од 6,5%. Во февруари е пријавено ниво од 6,6%, а во март минатата година од 6,8%.

Според проценките на Евростат, 12,96 милиони луѓе во ЕУ, од кои 11,01 милиони во еврозоната, биле невработени во март годинава. Во однос на претходниот месец февруари, невработените во ЕУ се намалени за 155.000 лица, од кои 121.000 во еврозоната.

Земјите од ЕУ со најмал број невработени лица во јануари 2023-та година се Чешка (2,6%), а потоа следат Германија и Полска (со по 2,8%). Невработеноста останува највисока во Шпанија (12,8%) и Грција (10,9%).