Nike ја продаде Umbro за 225 милиони долари

28

Најголемиот светски произведувач на спортска облека Nike ја продаде марката Umbro на Iconix Brand Group за 225 милиони долари, со цел да се фокусира на другите брендови и да ја зголеми продажбата. Ова е половина од цената што Nike ја даде пред четири години кога го купи Umbro. Трансакцијата треба да биде завршена до крајот на годинава, пренесува Блумберг.

Umbro е спeцијализиран за фудбалска облека, но ги изгуби двата главни тима, англиската репрезентација и Манчестер сити. Уште пред продажбата, овие два тима ги презеде токму Nike.

Со новата стратегија, Nike планира да се насочи кон својот главен бренд Nike кој има најголем удел во прометот и профитот, како и на марките Jordan, Converse и Hurley.

Компанијата Umbro е основана во Манчестер 1924 година и била една од првите компании специјализирани за производство на фудбалска опрема. Umbro и денес облекува многу фудбалски клубови во Европа, Северна и Латинска Америка.