Ники Лауда – Ф1 шампион со бунтовен и претприемачки дух

41

Фото: Twitter

Легендарниот возач на Формула 1, Андреас Николаус Лауда или познат како Ники Лауда, почина на 70-годишна возраст.

Лауда, инаку роден во Австрија, е трикратен шампион на Формула 1, освојувајќи ја блескавата титула во 1975, 1977 и 1984 година.

Во 1976 година, на германското Grand Prix, Лауда доживеа страшна несреќа, откако се удри во ограда со неговиот болид што се движел со брзина од 200 километри на час. Неговото Ferrari се запалило и биле потребни 55 секунди за да се извлече од болидот. И покрај тешките изгореници, што му оставиле сериозни траги, сепак тој за рекордно кратко време се вратил на брзинските трки.

Професионалната тркачка кариера ја завршува во 1985 година, зад себе оставајќи 171 трка на Формула 1, од коишто победил на 25, а 54 пати се нашол на пиедесталот.

Пред да се повлече од трките, ја основал компанијата Lauda Air во 1979 година, а ја продал во 90-тите години од минатиот век.

Лауда во 2003 година основал нова компанија, што ја продал на Air Berlin во 2011 година. Повторно ја откупи во 2018 година за да ја води под брендот Laudamotion, но за кратко време ја продаде на ирската нискобуџетна авиокомпанија Ryanair. Трикратниот првак на Формула 1 имаше и пилотска лиценца и повремено бил капетан на своите патнички авиони, а има и мала флота од неколку луксузни летала.

Исто така, по завршување на тркањето, Лауда бил советник на тимот на Ferrari, а потоа и неизвршен директор на Mercedes F1 тимот во 2012 година. Оттогаш, Mercedes доминираше со неколку освоени титули, каде што доминираше Луис Хамилтон.

Лауда повеќе од 20 години беше и коментатор на автомобилски трки.