Николовски: Бизнис заедницата бара итни реакции – достапни сме за нив 24/7

„Бизнис заедницата бара решавање на сите предизвици со кои се соочуваат во реално време. Јас и мојот тим сме достапни за нив 24/7 и тие тоа го знаат. Заеднички покажавме дека институциите можат да бидат двигател на позитивни промени кога се водат со визија и кога тимската работа е ставена во прв план. Не зборуваме веќе за индивидуални успеси – Царинската управа стана симбол на институционален капацитет што испорачува колективни резултати”, вели директорот Бобан Николовски во интервју за едицијата „Топ 100 извозници” на Извоз.мк.

„Во моментов со грант средства од ЕУ работиме на проектот „паметни граници”, модернизација на граничниот премин Делчево, отворање нов граничен премин Клепало со Бугарија, возобновување на граничниот премин Маркова нога со Грција и имплементација на Систем за регистрација и идентификација на економските оператори – ЕОРИ 2 кој веќе е во финална фаза. Паралелно, во рамки на Проектот за олеснување на транспортот и трговијата во Западен Балкан на Светска банка, на сите гранични премини е поставен систем за видео надзор и препознавање на регистарски таблички, граничниот премин Ќафасан е модернизиран, а интензивно работиме и на модернизација на граничниот премин Деве Баир, како и на нов Национален едношалтерски систем”, истакна директорот Николовски.

Најголем успех, вели, е кога постигнатите резултати се мерливи, видливи и препознаени од бизнис заедницата, граѓаните и од меѓународната заедница.

„Во овој период јасно ја покажавме улогата на Царинската управа во забрзување на економскиот раст и подобрување на условите за водење бизнис, како и во процесот на интеграција на земјата во единствениот пазар на Европската Унија. Резултатите се препознаени и од Европската комисија, која во последниот извештај за напредокот на земјата нотира високо ниво на напредок во поглавјето Царинска унија, со кое раководи Царинската управа. Европската комисија особено го нагласува високото ниво на наплата на приходи, високата усогласеност на законодавството, како и усогласувањето и унапредувањето на ИКТ системите. Во делот на зајакнување на оперативните капацитети, посебно е истакнат разузнавачкиот систем што го имплементиравме”, вели Николовски.