Економската безбедност и зачувување на финансиските интереси на државата преку поголема ефикасност во наплатата на приходи се клучни приоритети на Царинската управа, при што работиме на унапредување на царинските процеси сè со цел подобрување на конкурентноста на македонската економија. Ова беше главната тема на којашто денеска директорот Бобан Николовски дискутираше со директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димовски. Во однос на прашањата кои беа тема на дискусија на состанокот директорот оствари и работна посета на Царинска испостава Слободна зона Скопје со цел увид на состојбите на терен.
Директорот на Царинска управа Бобан Николовски, истакна дека унапредување на царинските постапки и олеснување на легалната трговија, но и сузбивање на нелегалните дејствија е клучно за подобрување на условите за водење бизнис и привлекување нови странски инвестиции.
Двете страни воедно договорија унапредување на соработката помеѓу двете институции.
„Обезбедувањето на поволна инвестициска клима е нашата главна цел, а успешната соработка со Царинската Управа е од клучно значење, олеснувајќи го работењето на компаниите во зоните, при што се нудат нови можности за зголемување на нивниот капацитет за раст и развој”, истакна Димовски.