Nintendo не може да произведе доволно Switch конзоли за да ја задоволи побарувачката оваа празнична сезона

55

Nintendo очекуваше да продаде 25,5 милиони играчки конзоли Switch помеѓу април 2021 и март 2022 година, но благодарение на глобалниот недостиг на чипови што не заобиколи никого, јапонската компанија ги намали своите прогнози за 1,5 милиони единици, или за шест отсто.

Според извештајот на Ројтерс, загриженост за ситуацијата изразил и претседателот на Nintendo, Шунтаро Фурукава, истакнувајќи дека компанијата се бори да ја задоволи побарувачката во клучната сезона за купување на крајот на годината.

„Не можеме да произведеме доволно за да ја задоволиме побарувачката што ја очекуваме за време на претстојната празнична сезона. Во моментов нема знаци на подобрување, а ситуацијата е сè уште сериозна, па не можам да кажам уште колку ќе потрае“, изјави Фурукава.

Покрај тоа, Nintendo испорача 3,83 милиони Switch конзоли во третиот квартал од оваа година, што е голем пад од истиот период минатата година, кога беа испорачани дури 6,86 милиони единици. Бројките ќе беа уште помали доколку компанијата не го пуштеше OLED моделот на играчката конзола, но моментално е речиси невозможно да се добие поради недостаток на чипови.

И покрај ова, Nintendo не ги менува своите очекувања во однос на приходите и очекува оперативната добивка да биде дури четири отсто поголема од претходно прогнозираната, земајќи ги предвид промените во девизните курсеви, но и поголемата проектирана продажба на софтвер, пишува The Verge.

Во секој случај, доколку новите предвидувања на Nintendo се остварат, Switch би можел да го надмине Wii во продажба уште оваа празнична сезона, која со продадени 101,63 милиони единици е нивната најпродавана домашна конзола.