Кинескиот производител на електрични возила (EV) Nio планира да отпушти 10 отсто од својата работна сила во ноември поради „жестока конкуренција“, изјави извршниот директор Вилијам Ли.
„Во следните две години се соочуваме со жестока конкуренција за време на трансформацијата на автомобилската индустрија во средина полна со несигурност“, рече Ли во писмото до вработените, пренесува CNBC.
Во писмото се додава дека компанијата го анализирала својот двегодишен бизнис план во последните два месеци и дека во последните две недели „ги идентификувала деловните приоритети и направила детален план за организациска и деловна оптимизација“.
Компанијата ќе се фокусира на инвестирање во технологија, откажување на проекти кои не придонесуваат за финансиски резултати и ќе се осигура дека основните производи на компанијата се на пазарот во предвидениот рок.
„Ова е тешка, но неопходна одлука“, заклучи Ли.
Како и многу кинески производители на електрични возила, Nio е погоден од слаб интерес на потрошувачите, силна конкуренција и „војна на цени“ што ја започна Tesla на милијардерот Илон Маск.