Нисан го продаде бизнисот во Русија на државна компанија за едно евро

131

Јапонскиот производител на автомобили Нисан во вторникот објави дека ќе го продаде својот бизнис во Русија на државна компанија за едно евро, што ќе донесе загуба од околу 687 милиони долари.

Јапонската компанија објави дека ќе го пренесе сопственичкиот удел во Nissan Manufacturing Russia на државната компанија NAMI.

Договорот ќе го гарантира правото на Нисан да го откупи бизнисот во рок од шест години, истакна руското Министерство за индустрија и трговија, а министерот за индустрија и трговија Денис Мантуров рече дека тоа е „многу важно за индустријата“.

Продажбата на бизнисот на NAMI ги вклучува производствените и истражувачките капацитети на Нисан во Санкт Петербург и продажниот и маркетинг центар на јапонската компанија во Москва, соопшти Министерството.

Во март, Нисан го суспендираше производството во фабриката во Санкт Петербург поради прекин на синџирот на снабдување. Ја следеа ситуацијата, но немаше „видливи“ промени во надворешното опкружување, па решија да излезат од рускиот бизнис.

Компанијата соопшти дека ќе забележи еднократна загуба од околу 100 милијарди јени (687 милиони долари) во деловната година што завршува во март 2023 година поради трансакцијата, и покрај тоа што ја потврди својата проценка за годишните оперативни резултати.

И Нисан на тој начин тргна по стапките на другите кои решија да ја напуштат Русија поради нејзината инвазија на Украина. Нејзиниот најголем акционер, Рено, го продаде мнозинскиот удел во рускиот производител на автомобили „Автоваз“ на руски инвеститор во мај, наводно за една рубља.

Рено, сопственик на 43 отсто од акциите во Нисан, процени дека одлуката на јапонскиот партнер ќе го чини 331 милион евра нето добивка во втората половина од годината.