
Производителот на автомобили „Нисан“ е подготвен да ги сподели фабриките низ целиот свет со кинеската автомобилска компанија „Донгфенг“, бидејќи го менува својот бизнис модел.
Јапонската компанија, која вработува илјадници луѓе во Велика Британија, изјави за Би-Би-Си дека „Донгфенг“ би можел да стане дел од нејзиниот глобален производствен систем, по големата реорганизација на своето работење поради падот на продажбата.
Оваа недела, „Нисан“ објави дека ќе отпушти 11.000 работници и ќе затвори седум фабрики, но сè уште не прецизираше на кои локации.
„Најавивме нови модели на автомобили за Сандерленд. Немаме планови да ја затвориме таа фабрика во блиска иднина“, изјави Иван Еспиноза, директор на фабриката на „Нисан“ во Сандерленд, на конференција во четврток.
Овие отпуштања следат по претходните отпуштања на 9.000 работници во ноември, поради лошите резултати од продажбата на клучни пазари како што се САД и Кина.
Вкупно, компанијата ќе отпушти 15 проценти од својата работна сила како дел од мерките за намалување на трошоците, а глобалното производство ќе се намали за една петтина.
Брендовите на „Нисан“ тешко се пробиваат на кинескиот пазар, најголемиот во светот, поради силната конкуренција и падот на цените.
Со „Донгфенг“, кој е контролиран од кинеската влада, „Нисан“ соработува повеќе од 20 години и заедно произведуваат автомобили во градот Вухан.











