Ништо од бонусите за директорите на Луфтханза

42

Луфтханза избегна банкрот за време на пандемијата благодарение на милијарди евра помош од германската влада, која вели дека не се согласува со плановите на компанијата да плаќа бонуси на членовите на одборот.

„Федералната влада ги гледа работите поинаку“, рече портпаролот Штефен Хебестрајт во средата.

Тој тврди дека последователната исплата на парични бонуси, по завршувањето на мерките за стабилизација, би ги прекршила договорите.

„Ова допрва ќе се разговара со авиокомпанијата бидејќи има интересни правни прашања што треба да се решат“, рече Хабестрајт.

Воздухопловниот сектор беше во тешка криза во 2020 година и минатата година, бидејќи пандемијата го приземји практично целиот патнички сообраќај.

Во летото 2020 година, Владата ѝ помогна на Луфтханза со Фондот за економска стабилизација со околу шест милијарди евра и на тој начин се здоби со 20 отсто од акциите во компанијата. Со кредит од една милијарда евра помогна и Државната банка за развој.

Луфтханза ги врати сите повлечени пари, а државата го продаде својот удел со добивка од над 700 милиони евра.

Според деловниот весник Handelsblatt, одборот на директори на Луфтханза на почетокот на декември одлучил да одобри исплати на бонуси на највисокото раководство за минатата и оваа година.

Портпаролот на Луфтханза рече дека нема да коментира за внатрешните договори во компанијата.

Тој додаде дека бонусите на одборот на директори, кои сега се предмет на јавна расправа, ќе бидат исплатени најрано во 2025 година, во зависност од различни фактори.