Ниту купувањето патики веќе нема да биде исто

80

Спортскиот бренд Nike забележа огромен скок од 82% на онлајн продажбата, во периодот од јуни до август. Од друга страна, регистриран е пад на приходите во физичките продавници, пишува ВВС.

Nike прикажа квартални приходи од 10,6 милијарди долари, од кои најголем дел доаѓаат од клучните пазари, што заздравуваат од ковид-кризата, вклучувајќи ја и Кина. Поточно, раст се забележува во продажбата во Кина, Јапонија, Јужна Кореја и Велика Британија, додека пазарот на Северна Америка има пад.

Еден квартал претходно, приходите беа тројно пониски поради затворање на продавниците на глобално ниво, како превентива од ширење на заразата.

“Ние знаеме дека дигитализацијата е новото нормално. Потрошувачите сега се фокусираат на тој тренд и нема да сакаат да се вратат назад“, смета Џон Донахој, извршен директор на Nike, кој вели дека онлајн продажбата би можела да биде тренд што нема да се менува во иднина.

Претходно, Nike користеше интернет страници и онлајн апликации за претставување на лимитирани изданија на патики, но последните неколку години го менува начинот на работа и го намалува бројот на продавници и трговски партнери.

Иако пандемијата ги запре спортските настани и спортувањето, таа ја зголеми продажбата на лежерна спортска облека за домашни услови.

Фото: Pexels