Нова Љубљанска банка (НЛБ) преку Љубљанската берза објави понуда за преземање на акциите на Адико банка, чие седиште е во Виена. Во мај објавија дека нудат по 20 евра за секоја акција.
Тие го објавија и датумот кога понудата стапува во сила, од 7 јуни 2024 година до 16 август истата година.
„Се известуваат сопствениците на обичните акции на Addiko Bank AG дека од денес, 07.06.2024 година, на официјалната веб-страница на австриската комисија за преземање се објавени понуда за преземање и проспект за откуп, кој се однесува на сите Addiko акции“, соопшти НЛБ.
Оттаму додаваат дека во понеделник попладне онлајн ќе одржат презентација на понудата за преземање, на која менаџментот на НЛБ ќе одговара на прашањата на заинтересираните страни.
НЛБ во понудата за преземање напиша дека сакаат да се стекнат со 75 отсто од акциите на Адико, а очекуваат во рок од една година да завршат сите процедури за преземање.
Адико банка е основана на темелите на Хипо-Алпе-Адриа банка, а освен на домашниот австриски пазар, работи и на сите пазари во земјите од поранешна Југославија со исклучок на Македонија.
За банката се заинтересирани и две компании од Србија, Агри Европа и Алта Пеј Груп. Тие компании имаат нешто помалку од 10 отсто од акциите на Адико банка, а остатокот е распределен меѓу малите и институционалните инвеститори.
Сопственик на Агри Европа е српскиот бизнисмен Миодраг Костиќ. Неговата компанија е заинтересирана да купи 17 отсто од акциите на Аддик и ја објави понудата во мај, која важи до 27 јуни. За секоја акција нудат по 16,24 евра бруто. Алта Пеј Груп е во сопственост на Давор Мацура, а својата понуда ја објавија и во мај.
Потсетуваме, НЛБ на крајот на март имаше повеќе од 400 филијали, 2,9 милиони клиенти и средства од 26 милијарди евра. Покрај домашниот словенечки пазар, НЛБ моментално работи во пет други земји, Босна и Херцеговина каде има две банки, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија.