Престижниот финансиски магазин The Banker ја прогласи НЛБ Тутунска банка за Најдобра банка во Македонија за 2013 година.
Во рамки на свеченоста, која вчера се одржа во Лондон, The Banker ги додели глобалните и регионалните награди за најдобрите во банкарството во 2013 година.
Наградата за најдобрите банки се базира на постигнати извонредни финансиски резултати во услови на нови глобални регулативи, засилена конкуренција и намалена економска активност во повеќето земји.
Во 2012 година НЛБ Тутунска банка оствари добивка од 8,1 милиони евра или 10% поврат на капиталот. Банката покажа исклучително висока стабилност во услови на зголемени ризици во банкарскиот сектор, што се должи на долгогодишната стратегија на реален раст на Банката, современите системи за управување со ризиците и професионална услуга која овозможува креирање долгорочна деловна соработка со клиентите.
Годинава НЛБ Тутунска банка започна нова пазарна иницијатива со која се иницира нов инвестициски циклус кај претпријатијата и населението. Со новата кредитна понуда ќе бидат опфатени домаќинствата и сите микро, мали и средни претпријатија од сите стопански дејности, за што се започнати и нови инвестиции за проширување на деловната мрежа и за надградба на електронските сервиси, што ќе им овозможи на клиентите брз, евтин и едноставен пристап до услугите на Банката.