Нокдаун

54

pad

Фото: Pixabay

Победничка компанија – Од било каде, до врвот 

Кога работите одат горе-долу по востановените текови, не помислуваме на менување. За нешто суштински да промениме во нашите животи, обично е потребно да нé удри чекан по глава. Аналогија може да се постави и со бизнисот: кога компаниите оперираат во вообичаениот мод, никој не гледа потреба од драматични потези за промени. Ама ако се случи нешто големо (во било која област од работењето на компанијата), тогаш се пали црвена сијалица и сите се подготвени да преземат големи чекори во менување на нештата. По правило, за да се почнат големи промени, потребно е компанијата првин да се најде во нокдаун (knockdown).

Следува вистинска случка од мојот Дневник на консултантот. Се работи за еден од моите поранешни клиенти. Место: Santa Clara, Silicon Valley. Време: средина на 90-те. Име на компанијата – клиент: Applied Materials. Име на компанијата која е главен купувач на производите на компанијата – клиент: Intel. За случајов дознав преку еден од присутните на настанот, откако подоцна се вклучив во тимот консултанти кои работеа со компанијата.

Увертира. По експлозивно брзиот растеж во почетокот на 90-ти од минатиот век, Applied почнува да има тешкотии во водење на дневните операции. Раководството испробува корективни мерки, онака како што правелo и порано. Резултатите се сиромашни. Новодојдените во компанијата го подигаат гласот и укажуваат на проблемите, ама се во малцинство.

Историски состанок. Компанијата го одржува својот редовен дводневен годишен состанок на кој се врши отчет. Меѓу поканетите се и претставници на клучните купувачи. По успешната претпладневна сесија, збор зема Извршниот директор на Интел, госп. Craig Barrett. Почнува полека, со образложение дека пред да дојде тука, имал средби со своите главни луѓе. Пушта слајд – негово писмо адресирано до Applied. Еве го скоро во целост: „Нашата опсежна анализа покажува дека вие сте најлоши меѓу нашите главни добавувачи. Вашите производи често не ги почитуваат стандардите на кои сте се обврзале. Многу сте бавни во решавање на проблемите кои ни ги стварате. Се однесувате арогантно дека сте број 1 произведувач во светот. Секој со кого разговарав, е незадоволен. Преку глава ни е од вас. Имаме алтернатива. Започнувајќи од денес, ќе ги инструирам моите соработници да прекинат со купување на ваши производи. Подготвен сум да одговорам на прашања.“

Нокдаун. Само неколку луѓе поставуваат банални прашања. Пешкирот се фрла во ринг, госп. Барет заминува, состанокот се прекинува. Се свикува „штабот за елементарни непогоди“ кој го сочинуваат првиот човек и неговите најблиски соработници. Продолжуваат со затворени седници.

Разврска. Овој настан беше причина јас, со неколку мои колеги, да бидеме викнати како консултанти на компанијата. Работењето со нив траеше неколку години и даде добри резултати. Огромни промени настанаа и компанијата и во наредните години компанијата навистина стана лидер во својата област. Да се разбереме: не велам дека ние, консултантите, бевме причина за тоа. Компанијата го надмина нокдаунот пред сé благодарејќи на мудрите потези што ги влечеше раководството. Не сум од тие што велат „мојот клиент порасна за двапати во времето додека бев нивни консултант.“ Еве зошто – повторно од мојот Дневник: 30 август 2005 година. Тогаш бев вработен во една консултантска фирма. Ми беше доделена задача да работам со првиот тим на PW Eagle, еден од најголемите производители на пластични цевки во САД. Се наоѓа во Eugene, Oregon. Ја отворам сесијата и еден од присутните, со страшен цинизам во гласот, вели: верувам дека веќе подготвувате ново сведоштво, testimonial, за на вашиот веб сајт дека акциите на нашата компанија пораснале за 300% како резултат од вашата работа (две недели пред тоа имавме дијагностичка сесија со нив). Јас бев збунет и не знаев за што станува збор. Ми објаснија: претходниот ден, додека јас сум летал накај Орегон, ураганот Катрина удрил на New Orleans. Последователно, побарувачката на пластични цевки ненормално пораснала, а со тоа и вредноста на акциите на PW Eagle. Потонав од срам.

Поука. Нема. Што и да се презема, компаниите остануваат ранливи и подложни на нокдаун. Никој на овој свет не може да ги предвиди нештата и навремено да ги отстрани проблемите. Тој што работи и греши. Тоа е природно и очекувано. Јас немам сретнато компанија која се движела праволиниски напред, туку секоја имала во својата историја паѓања и станувања.

zvonko

Големината не е во тоа да не паднеш, туку во тоа да станеш и да продолжиш со борбата. Еден нокдаун не е и крај на мечот.