Ноќен воз: Мрежа линии кои ќе поврзат 13 европски метрополи

71

Некогаш, ноќните возови беа најголем тренд, а железничкото патување беше најпопуларното превозно средство на пазарот. Од воведувањето на воздушниот сообраќај, возовите, особено возовите на долги релации, ја изгубија својата популарност. Сепак, очекувањата се дека по пандемијата Ковид-19, мрежата на ноќни возови повторно ќе биде интересна за многу европски патници.

Постои сериозен план за создавање комплексна мрежа на ноќни возови на Стариот континент во следните неколку години. Минатата недела разни даватели на железнички услуги од Франција, Германија, Австрија и Швајцарија објавија план за соработка, односно создавање мрежа на ноќни возови со прекар Nightjet, за следните неколку години.

Ноќен воз – тренд на европските железници во 2021 година?

Идејата на SBB (Швајцарија), ОBB (Австрија), Deutsche Bahn (Германија) и SNCF (Франција) е да се поврзат вкупно 13 европски метрополи преку ноќни возови до декември 2024 година. Во овој контекст, директорите на компаниите потпишаа заедничка декларација која исто така го означува почетокот на 2021 година како “Европска година на шините“. Во декември 2021 година ќе започне првата линија помеѓу Виена, Минхен и Париз, како и Цирих, Келн и Амстердам. Една година подоцна, Цирих ќе биде поврзан со Рим, додека врските од Виена и Берлин до Брисел и Париз се планирани за 2023 година. Последниот чекор од оваа прва фаза е врската помеѓу Цирих и Барселона.

Германија и Австрија ги нагласуваат климатските промени

Целта на планираната соработка, барем според германскиот министер за сообраќај Андреас Шојер, е Европа да се направи еколошки поприфатлива и тоа со привлечни и долготрајни железнички врски. Според австриската министерка за сообраќај Леоноре Гевеслер, создавањето на мрежата на ноќни возови е знак дека Европа сериозно ги сфаќа своите обврски за заштита на климата.

“Јасно гледаме дека е политичка задача да се воспостават ноќни возови како алтернатива на летовите на кратки релации и патувањата со автомобили“, истакна таа и додаде дека во следните неколку години во ноќните возови ќе бидат вложени 500 милиони евра.

Дополнително, шефот на OBB, Андреас Мата, очекува бројот на патници да се удвои од 1,4 милиони во периодот пред Ковид-19 на нешто помалку од три милиони.

Ноќен воз – симбол на европското единство

Во меѓувреме, францускиот колега Жан-Пјер Фарандо од SNCF нагласи дека Европската Унија би требало да го смета патувањето со железница за инструмент на европското единство.

“Мораме повторно да го откриеме значењето на големите врски во Европа. Имаме прекугранична соработка, но ноќните возови овозможуваат да се оди малку подалеку. Тие можат да поврзат растојанија поголеми од илјада километри и со тоа поврзуваат патнички коридори меѓу европските земји“, истакна Фарандо.

Генералниот секретар на SNCF, исто така, нагласи дека мрежата на ноќни железници првенствено е наменета за оние со пониска куповна моќ.

“Ноќните возови ја исполнуваат побарувачката на младината и младите од цела Европа“, рече тој.

Фото: Freepik