Нокиа добива заем од 870 милиони евра за развој на 5G и 6G мрежи во Европа

Финската телекомуникациска компанија Нокиа ќе добие заем од 870 милиони евра за развој на напредни 5G-A и 6G мрежи за зајакнување на технолошкото лидерство на Европа, објави Европската инвестициска банка (ЕИБ).

Средствата ќе бидат насочени кон истражување и развој на радио пристапни мрежи (RAN), и хардверски и софтверски решенија, кои играат клучна улога во подобрувањето на перформансите, енергетската ефикасност и сајбер безбедноста на мобилните мрежи, како и во подготовката на основата за интеграција на вештачката интелигенција во идните 6G системи, се додава во соопштението.

Поддршката на програмата за истражување и развој (R&D) на Нокиа придонесува за зачувување на стратешката автономија на Европската Унија во областа на напредните мрежни технологии и зајакнување на конкурентноста на Европа во телекомуникацискиот сектор, изјави потпретседателот на Европската инвестициска банка Карл Нехамер.