Нокиа инвестира 360 милиони евра во истражувачки центри за дизајнирање чипови

15

Финскиот производител на телекомуникациска опрема Нокиа во средата објави инвестиција од 360 милиони евра во истражувачки центри во Германија, истакнувајќи дека нејзиниот фокус ќе биде на дизајнирање микрочипови.

Нокиа ќе ги инвестира парите во следните четири години во центрите во Улм и Нирнберг, во рамките на европската програма за поддршка на проекти од заеднички интерес (IPCEI), која ќе вклучува и субвенции од владата во Берлин и сојузните покраини Баден-Виртемберг и Баварија.

Главната цел на проектот е да се развијат чипови за радио и оптички производи кои ќе се користат во идните 5G-Advanced и 6G мобилни комуникациски системи.

Нокиа се надева дека новите микропроцесори ќе трошат помалку енергија за да ги исполнат европските климатски цели, па затоа тесно соработува со истражувачки институти и универзитети.

Проектот е пресвртница за Нокиа и за иднината на телекомуникацискиот сектор во Германија и Европа, нагласи менаџерот за германскиот пазар Елефтериос Пападопулос.