Нордвинд најави дека од 2022 година, повторно ќе ги поврзе Охрид и Москва со чартер лет

14

Една од најголемите руски авиокомпании Нордвинд најави дека од 2022 година, после точно 20 години пауза, повторно ќе ги поврзе Охрид и Москва со чартер лет, два пати неделно.

По неколку обиди минативе годините да се воспостави соработка на полето на туризмот и бројни посети на тур-оператори од Руската Федерација, со отворање на директна линија Скопје-Москва се отвара можност за соработка со еден од најголемите пазари.

Интересот на Руските туристи генерално е насочен кон културниот и верскиот туризам, но во последно време доминира интересот за специјализирани кратки одмори, до четири дена, во кои руските туристи би имале полна агенда. Ено-гастро туризмот е нешто за што веќе има интерес и резервации, а веднаш зад него е активниот туризам, посебно параглајдингот.

Со воспоставување на редовна директна воздушна линија Скопје-Москва се овозможува и полесна соработка на сите полиња полиња, а посебно важно е дека ќе се зголеми просечниот престој на туристите од Руската Федерација од 2.2 дена на минимум четири дена и ќе продолжи трендот на пораст на туристи од овој пазар, кој пред Корона кризата растел со 13% на годишно ниво.

Она што е карактеристично за оваа авио-компанија се флексибилните авионски билети, опции за лојалност и распоредот на летови, што овозможува полесно движење на туристите кои сакаат да патуваат индивидуално, но и оние кои ќе одлучат тоа да го сторат со посредништво од туристичка агенција.

Во периодот кој претстои, АППТ ќе организира бројни информативни патувања и Б2Б состаноци на рускиот и македонскиот туристички сектор, додека во 2022 година промоцијата на овој пазар ќе ја зајакне со промотивна кампања за туристичките потенцијали на земјава.