
Норвешка ќе го изгради првиот бродски тунел во светот што ќе овозможи навигација низ планинскиот масив и ќе поврзе два региона на западниот брег на земјата.
Работата на тунелот долг 1,7 километри треба да започне во 2027 година, а вредноста на проектот се проценува на околу 900 милиони евра.
Тунелот ќе се гради низ полуостровот Штад, во неговиот најтесен дел, поврзувајќи ги Молдефјорден и Ванилвсфјорден во западна Норвешка.
Проектот претставува еден од најсложените градежни проекти во земјата. За да се изгради премин за бродови, ќе се отстранат околу три милиони кубни метри цврста карпа.
Тунелот ќе биде широк 36 метри, висок 50 метри од дното до врвот, додека висината на самиот фервеј ќе биде околу 33 метри. Благодарение на тие димензии, дури и поголеми бродови, вклучително и одредени видови крстосувачки бродови, би можеле да поминат низ него.
Изградбата треба да трае околу пет години, а по завршувањето тунелот ќе биде отворен за слободна употреба. Комерцијалниот превоз, особено крстосувачките бродови, ќе имаат предност при минување.
Планот е бродовите, слично на авионите на аеродромите, да добијат однапред одредени времиња за минување низ тунелот со цел да се обезбеди подобра организација на сообраќајот.
Се проценува дека пловењето низ тунелот ќе трае само десет минути.
Иако ќе донесе побезбедна и поедноставна навигација низ област позната по тешки временски услови, проектот ќе чини значително повеќе од директно мерливите економски придобивки. Проценетата вредност порасна на околу 10 милијарди норвешки круни, или приближно 900 милиони евра.
Норвешката компанија AF Gruppen ќе биде одговорна за градежните работи.











