Норвешка ќе ја ангажира армијата да ги заштити своите платформи за гас и нафта

77

Норвешка ќе распореди војска за да ги заштити своите нафтени и гасни капацитети од можна саботажа, откако беа нападнати два руски гасоводи кои носат гас во Европа, изјави во средата норвешкиот премиер.
Истекувањето на гас како резултат на можна саботажа откриена на гасоводите „Северен тек“ во вторникот предизвика конфузија на енергетските пазари и ја зголеми загриженоста за безбедноста.

Норвешка моментално е најголемиот европски снабдувач на гас и водечки светски снабдувач на нафта. Има повеќе од 90 морски полиња за гас и нафта, од кои повеќето се поврзани со мрежа на гасоводи што се протега на околу 9.000 километри.

„Војската ќе биде повидлива во норвешките нафтени и гасни постројки“, рече премиерот Јонас Гар Стоере на прес-конференција.

На море, морнарицата ќе биде ангажирана за заштита на поморските инсталации, а на копно, полицијата би можела да го зголеми своето присуство на инсталациите, рече тој.

НАТО и Европската унија ја истакнаа потребата да се заштити критичната инфраструктура и предупредија на „силен и обединет одговор“ доколку има повеќе напади.

Во понеделникот, Норвешката агенција за безбедност на нафта повика на поголема внимателност поради неидентификуваните беспилотни летала видени во близина на морските платформи за гас и нафта на Норвешка, предупредувајќи дека тие можат да претставуваат ризик од несреќи или намерни напади.

Стоере во средата рече дека прелетувањата со беспилотни летала „најчесто се случиле во септември“ и дека биле со „различни големини“ и дека нивната активност е „невообичаена“.