Норвешка ќе одобри ископ на океанско дно

53

Норвешка најверојатно ќе стане првата земја во светот која ќе ја започне контроверзната практика на комерцијално ископување во длабоко море, јавува BBC.

Планот, пред гласањето во парламентот, ќе го забрза ловот на благородни метали кои се многу барани поради новите, зелени технологии што ги користат. Еколошките научници претходно предупредија дека ова може да биде погубно за морскиот живот.

Гласањето првенствено се однесува на норвешките води, но оваа година би можело да се постигне и договор за ископување во меѓународни води, а гласањето се очекува да помине без проблеми откако ќе биде обезбедена повеќепартиска поддршка на крајот на 2023 година. Но, норвешката влада наведува дека се внимателни и ќе почнат да издаваат дозволи дури откако ќе бидат извршени дополнителни еколошки студии.

Во длабокото море има карпи и кори кои содржат минерали како литиум, скандиум и кобалт, клучни за новите технологии како што се батериите.

Предлогот на Норвешка ќе отвори 280.000 квадратни километри од нејзините национални води за компаниите кои ќе можат да аплицираат за ископување на овие извори, површина поголема од големината на Обединетото Кралство.

Иако овие минерали се достапни на копно, тие се концентрирани во неколку земји, што го зголемува ризикот од снабдување. Пример е Демократска Република Конго, која има некои од најголемите резерви на кобалт, но се соочува со конфликти и нестабилност во некои делови од земјата.

Валтер Согнес, ко-основач на норвешката рударска компанија Лоук Минералс, која планира да аплицира за лиценца откако предлогот ќе биде одобрен, вели дека треба да се направи повеќе за да се разбере длабокиот океан пред да започне рударството, што веројатно значи дека самото рударство нема да започне во скоро време.

Мартин Вебелер, океански активист и истражувач во Фондацијата за правда за животната средина, се надева дека е така и рече дека рударството ќе биде „катастрофално“ за океанските живеалишта. „Норвешката влада отсекогаш нагласувала дека сака да ги спроведе највисоките еколошки стандарди“, рече тој. „Лицемерно е додека ги отфрлате сите научни совети“.