Нотр Дам повторно ги отвора вратите

81

Околу 500 занаетчии работеа на реставрација на катедралата Нотр Дам за да го подготват ова француско обележје за претстојното големо повторно отворање за јавноста.

Повеќе од пет години откако пожарот во април 2019 година го оштети еден од најпознатите симболи на Париз, катедралата Нотр Дам повторно ќе биде отворена за јавноста на 8 декември 2024 година.

На 7 декември ќе се одржи официјална церемонија.

Со цел да се управува со големиот број посетители, од средината на ноември ќе биде воведен нов бесплатен систем за онлајн резервации, кој ќе им овозможи на посетителите однапред да резервираат термини за влез.

Пред помалку од една година, за време на посетата на самото градилиште, францускиот претседател Емануел Макрон рече дека работата се одвива според планот и дека катедралата Нотр Дам треба да биде отворена за јавноста на 8 декември 2024 година, пет години и седум месеци по пожарот што уништи големи делови од катедралата стара 860 години, во април 2019 година.

Очигледно, реновирањето на најпознатиот симбол на Париз се одвивало според планот, а наведениот датум не бил поместен, на задоволство на сите туристи кои нетрпеливо го чекаат отворањето на катедралата.

Според првичните проценки, катедралата Нотр Дам би можела да привлече околу 15 милиони посетители годишно, што е значително зголемување во споредба со 10 милиони посетители годишно пред пожарот.

Сепак, во првите шест месеци по повторното отворање, групните посети ќе бидат забранети, што значи дека пристап ќе имаат само поединци.