Нов 400 киловолтен далекувод ќе се гради од ТС Штип до македонско-српската граница

23

МЕПСО започнува со изградба на нов 400 киловолтен далекувод од трансформаторска станица Штип до македонско-српската граница. Новиот далекувод ќе биде електроенергетска врска со српскиот електропреносен систем и ќе ги поврзува 400/110 kV трансформаторските станици во Штип и во Врање, Република Србија.

Како што информираат од МЕПСО, инвестициската вредност на овој проект е 9,7 милиони евра, а истиот ќе биде поставен на 168 челично-решеткасти столбови на траса долга 70 километри, од Штип до македонско-српската граница во близина на Куманово.

Моментално во 400/110 kV трансформаторска станица Штип во фаза е подигнување т.е. стручно наречено „плетење“ на првиот далекуводен столб со што и официјално и симболично влегуваме во првата фаза на изградба на далекуводот од ТС Штип до македонско-српската граница, велат од МЕПСО.

Преносниот вод е од големо стратешко и енергетско значење поради тоа што се воведува електроенергетска врска со Република Србија која ги зголемува капацитетите за пренос на електрична енергија и ја зголемува доверливоста на електроенергетските системи на регионално ниво.

Трансформаторската станица Штип е најголема инвестиција во преносната електроенергетска мрежа во источна Македонија во изминативе 70 години, со инвестициска вредност од 13 милиони евра која ќе ги задоволи потребите на овој регион за идните 20 години.

Во трансформаторската станица Штип директно е приклучен 400 киловолтниот далекувод со кој се поврзани електропреносните системи на Република Македонија и на Република Бугарија. Со изградбата на новиот далекувод до македонско-српската граница ТС Штип ќе стане многу значаен системски и стратешки енергетски јазол на македонскиот електропреносен систем во кој се поврзани македонскиот, српскиот и бугарскиот електропреносен систем.